Добар ден. Моето име е Влатко Пеливанов, јас ќе бидам вашиот анестезиолог.
Во малата канцеларија каде што ги сретнуваме пациентите што треба да имаат одредена оперативна процедура седеше 64 години возрасен господин. Процедурата е мала и не многу долга, му реков. Сте сакале да ме прашате нешто?
Мило ми е докторе, ми одговори, но не ми дозволуваат да го напуштам оперативниот блок без дозвола од анестезиолог, а јас би сакал да излезам на 10 минути.
Зошто? Што е причината, го прашав.
Па, јас користам канабис секојдневно и многу ми помага да се смирам, а и ми помага со болките.
А зошто ја користите?
Поради хронична болка во грбот, ми рече.
Дали некој ви ја пропишува?
Не, ми рече, јас ја одгледувам дома, но ова не смеете да го кажете никому. Нормално, му реков. Јас сум како свештеник, што и да ми кажеш останува тука, се насмеав.
Ок, му реков, одете. Ве чекам. Ќе бидеме спремни за 15-тина минути.
Ви благодарам докторе. Ќе бидам тука.
Интересен разговор, нели? Токму оваа дискусија и неколку написи што имав прилика да ги прочитам на македонските веб-портали за легализација на канабисот ме поттикнаа да размислам малку за неа. Трибините, предавањата, презентациите секогаш се интересни, како и дискусиите за абортусот или убиството од милосрдие.
Една група луѓе тврдат дека канабисот лечи сè, друга пак тврди дека е дрога. Но каде е вистината? Некаде на половина пат?
Како анестезиолог во Халифакс, Канада, и како специјалист за хронична болка, јас сум еден од оние што го пропишуваат канабисот како лек. Многумина не се согласуваат со мене. Но јас пропишувам и лекови од групата на силни опиоиди, како на пример морфин, хидроморфон или метадон.
Зошто? Затоа што им помага на луѓето со болка. Како и канабисот.
Но ајде од почеток.
Нема да пишувам за легално-правната страна на легализацијата на канабисот. Не се разбирам во тоа. Нема ни да објаснувам некои тешки научни факти. Јас работам во земја каде што функционира „evidence based medicine” или, нашки кажано, медицина базирана на докази. Значи ќе кажам збор-два за канабисот од она што сум го прочитал и научил, од моето лично искуство и од искуството стекнато во институција за хронична болка, овде во Халифакс, во Канада.
Канабисот потекнува од билката канабис сатива. Главна психоактивна материја е tetrahydrocanabinol (THC) и тоа е материјата што ги прави луѓето „хај“. Илегалниот или уличниот канабис, според неколку истражувачки статии, има нешто повеќе од 8% THC. Кај медицинскиот канабис THC може да варира од 1% до 17%, па и повеќе.
Канабисот има повеќе од 400 други состојки, од кои меѓу најпознатите се преку 80 различни канабиноиди, како што е најпознатиот меѓу нив, канабидиол, најмногу одговорен во третманот на болка.
Сите овие супстанции или материи се врзуваат главно со два типа рецептори во човековиот организам: ЦБ1 и ЦБ2. ЦБ1 го има најмногу во мозокот, но и на периферијата од човековото тело и е одговорен за болката. А ЦБ2 е одговорен за имунолошкиот одговор.
Канадското друштво за болка на последната ревизија што се одржа во 2014 година ги унапреди канабиноидите од четврта во трета линија на третман за хронична невропатична болка. Кога велам канабиноиди, тука пред сè мислам на лековите од групата на канабиноиди како што се: синтетичкиот канабиноид набилон и спреј што има 50% ТНС и 50% канабидоил познат како сативекс.
Препораките на друштвото за болка се: пред да се пропише канабис за да се почне со овие лекови, ако не помагаат, многу малку веројатно е дека ќе помогне канабисот.
Јас, кога сакам да почнам со канабис кај одреден пациент, прво пропишувам набилон таблети, па потоа сативекс спреј и дури на крај канабис. Никогаш не знам и не сум сигурен која е вистинската доза. Почнувам со мала доза и внимателно ја зголемувам.
Она што мора да се спомене е дека како и многу други лекови со психоактивни супстанции, така и канабисот може да предизвика зависност. Зависноста во Северна Америка е некаде околу 1 на 6 луѓе, што би било околу 17%. Мора да се потенцира дека симптомите на апстиненција се поблаги од оние на силните опиоиди, но ги има и се изразуваат како нерасположеност, инсомнија, намален апетит, анксиозност, па дури и депресија и желба за повторно земање канабис.
Долго време луѓето што се против канабисот зборуваат како за „gateway” дрога, што во превод значи дека корисниците имаат зголемен ризик од преминување на тешки дроги. Досега оваа теорија не е потврдена во реалноста, па не сум сигурен дека треба да се дискутира.
Многу добро познати несакани или понекогаш „сакани ефекти” од канабис се променето чувство за време, промени во расположението, намалено чувство за движење на телото, тешкотии во размислувањето и решавањето одредени проблеми и оштетена краткотрајна меморија.
Долгото користење на канабисот се доведува во врска со проблеми на менталното здравје. Ова е посебно изразено кај оние што се зависни од канабис или пациенти со претходни психози или проблем со менталното здравје. Токму поради ова сме внимателни со оваа група на пациенти.
Пред крај само да споменам дека канабисот може да се пуши (што е најбрз начин на дејство), иако јас никогаш не го препорачувам поради опасноста од пушењето. Може да се инхалира преку вапоразор (во тој случај канабисот се пече и ги нема оние канцерогени ефекти што ги дава пушењето). Може да се консумира како колачиња (јас препорачувам дупло чоколадирани „браунис“ затоа што на тој начин се поништува вкусот на канабисот), а може да се прави и чај (на тој начин се губи многу од активната супстанција).
Темата за медицинскиот канабис е многу опширна. Треба секогаш да се базира на научни факти и моето лично мислење е дека во овие дискусии треба важна улога да земе Лекарската комора на Македонија следејќи ги светските трендови, се разбира.
Извор: https://www.mkd.mk/kolumni/zoshto-go-davam-kanabisot-na-moite-pacienti