„Заборавениот град“ во Израел сака да стане престолнина на медицинскиот канабис

Во израелската пустина Негев се надеваат дека ќе развијат меѓународна репутација на престолнина на медицински канабис. Десетици стартапи во Израел веќе работат со медицински канабис, а новата легислатива се очекува да доведе до понатамошен раст на пазарот. Некои веруваат дека канабисот може да помогне да се намали невработеноста кај 12.000 жители на Јерухам, „заборавениот град” на периферијата на Израел.

Иницијативата е предводена од Кан-негев, првата компанија инкубатор за медицински канабис во Израел која помага во развој на помали компании, стартапи. „Во Јерухам – заборавениот град, еден од најоддалечените израелски градови, решивме да го ставиме медицинскиот канабис во срцето на нашиот бизнис“, рече Зви Бет Ор, основач на Кан-негев.

Тал Охана, првата жена градоначалник во историјата на Јерухам, е силно заинтересирана за ова. „Мојот сон е да го претворам Јерухам во престолнина на медицинскиот канабис во Израел“, изјави Охана за АТП. „Не гледаме секој ден раѓање на нов пазар“, додаде Охана. „Си ветив дека ќе дадам сè од себе за да бидам меѓу авангардата на науката и технологијата во оваа област.

Модерното седиште на Кан-негев, опкружено со пустински песок, изгледа како фатаморгана и е симбол на светла иднина во градот полн со станбени блокови изградени за новодојдените имигранти во средината на минатиот век. Јерухам е дел од приоритетната економска зона на израелската влада, која нуди концесии за оние кои сакаат да започнат бизнис таму.

Охана вели дека секторот за канабис може да ја трансформира сликата на нејзиниот град и да помогне да се намали бројот на невработени кои таму ги има повеќе од просечно, дури осум проценти. „Моја цел е да создадам квалитетни работни места и да понудам високи плати за да привлечеме нова популација работници“, рече таа.

Рекреативната употреба на канабис во Израел е нелегална, но се толерира. Сепак, владата веќе една деценија ја охрабрува нејзината терапевтска употреба во лекувањето на тешки медицински состојби и посттрауматски стрес на поранешни војници.

Во октомври, израелскиот парламент усвои закон кој треба да го направи медицинскиот канабис уште попристапен. Исто така, треба да го прошири пазарот, во кој веќе инвестираа голем број претприемачи, вклучително и двајца поранешни израелски премиери: Ехуд Олмерт, деловен советник на УНИВО Фармасутикал и Ехуд Барак кој го предводи одборот Интеркјур.

Стотина стартапи веќе работат со канабис, рече Дана Гуревич, главен технолошки директор на израелската администрација за иновации, додавајќи дека четвртина од тие компании се основани во една година, 2019 година.

„Во последните неколку години, 60 милиони долари се инвестирани во екосистемот за медицински канабис“, рече Гуревич, велејќи дека клучен фактор за развојот на израелската домашна индустрија за канабис бил увозот од други земји, меѓу кои најважна е Канада, каде рекреативната употреба е легална.

Според Министерството за здравство, Израел увезол 22 тони медицински канабис во 2021 година, што го прави најголемиот увозник на канабис во светот, пишува во магазинот Канибас. Извозот на канабис е теоретски легален, но комплициран поради почитувањето на меѓународните стандарди, рече Гуревич.

Министерството за здравство неодамна навести дека отстранувањето на канабидиол (КБД) од листата на опасни лекови е многу веројатно. Оваа мерка може да отвори нови можности за продажба на КБД производи. Во јужен Израел, во близина на градот Ашдод, БОЛ Фарма годишно одгледува 400.000 растенија канабис на 3,5 хектари, исклучиво за терапевтска употреба.

„Денес во Израел има 110.000 пациенти со дозвола за консумирање медицински канабис. Но, кога КБД ќе стане достапен за секого, милиони луѓе, семејства, ќе можат да го користат во козметиката и други секојдневни производи“, рече Двир Талер, 50-годишниот директор за агрикултура во БОЛ Фарма.

Компанијата, моментално најголемата во областа на медицинскиот канабис во Израел, соработува со Кан-негев и ја снабдува со цветови канабис за научни истражувања. Талер вели дека во инкубаторот развиваат робот способен за самостојно берење цветови.

Во желба да стане центар на израелското производство на „зеленото злато“, администрацијата на Јерухам одвои 50 хектари за одгледување медицински канабис, тврдејќи дека пустинската клима е идеална за одгледување на ова растение.

Охана, исто така, рече дека е договорено во следните неколку години, две фабрики во Јерухам да произведуваат немедицински производи од канабис. Тоа ќе бидат производи за „грижа за себе“ како што се маслата што се користат во козметиката. 67-годишниот пензионер Аврахам Елзба, жител на Јерухам, кој никогаш не пробал канабис, рече дека е склон кон вакви фабрики бидејќи тие ќе отворат работни места.

Извор: mkd.mk