Ново истражување покажува дека при вежбањето може да се зголеми ослободувањето на супстанции во телото кои се слични на канабисот, а кои може да намалат воспаленија и дури и потенцијално да го намалат ризикот за артритис, срцеви болести, па дури и рак.
Истражувањето, објавено во списанието tandfonline.com открило дека луѓето со артритис што вежбале забележале намалување на болката и воспаленијата во телото, а зголемено ниво на ендоканабиноиди, кои се супстанции што природно се создаваат од микроорганизмите во нашиот микробиом.
– Микробиомот игра клучна улога во многу телесни функции – изјавила докторката Елена Иванина, директор за неврогастроентерологија и подвижност во болницата „Ленокс Хил“ во Њујорк, за „Хелтлајн“.
Во истражувањето, спроведено од Медицинскиот факултет при Универзитетот на Нотингем, учествувале 78 луѓе со артритис на колената. Точно 38 учесници правеле вежби за зајакнување на мускулите по 15 минути секој ден во период од 6 недели. Преостанатите учесници не правеле никакви вежби.
Се покажало дека болката се намалила, а се зголемило нивото на микроорганизми што создаваат супстанции кои се борат против воспаленијата кај учесниците во првата група. Овие учесници имале и повисоки нивоа на ендоканабиноиди, кои влијаат врз расположението, енергијата, помнењето, апетитот и нивото на болка.
Сепак, истражувачите посочуваат дека сите пациенти треба да побараат одобрување за вежбање од доктор пред да започнат бидејќи некои вежби може да бидат опасни.
Извор: Fakulteti.mk