Од смртна казна до легализација – Тајланд е првата земја во Југоисточна Азија која дозволи одгледување канабис во домашни услови.
Тајландскиот одбор за наркотици соопшти дека официјално од листата на наркотици го отстранува канабисот, со што се отвара простор тој да биде одгледуван од страна на земјоделците и во домашни услови. Со овој чекор, Тајланд ќе стане прва земја во Југоисточна Азија која го легализира и канабисот како лек за медицински цели.
Според новите правила, канабис ќе може да се одгледува дома, но тоа ќе мора да се пријави кај локалните власти, а таквиот канабис е само за лична употреба и не смее да се користи во комерцијални цели без дополнителни дозволи.
Оваа одлука за да стане конечна треба да се објави во официјалниот „Кралски весник“, а одгледувањето ќе стане легално после 120 дена од објавувањето.
Во меѓувреме, Министерството за здравство на Тајланд неделава ќе претстави нацрт закон за користење на канабисот, со детални одредби кои ќе опфаќаат и комерцијална продажба и рекреативното користење.
Со законот се одредени и казни од 600 долари за одгледување без знаење на локалните власти и казни од три години за производство и продажба на канабисот, што е намалување од строгите казни кои претходно ги имаше Тајланд.
Извор: PlusInfo.mk