Охајо стана последната американска сојузна држава чии гласачи ја одобрија легализацијата на марихуаната. Ова ќе стапи на сила за 30 дена.
Мерката првпат беше претставена во 2022, но беше закочена од републиканските пратеници, поради што беше покрената тужба за одобрување на легализацијата преку гласање. Охајо со тоа стана 24. сојузна држава во САД која ја легализираше и рекреативната употреба на канабис.
Новиот закон ќе им овозможи на сите лица постари од 21 година да купуваат и поседуваат до 70 грама марихуана и да одгледуваат најмногу шест стебла во домашни услови.
Марихуаната и натаму е нелегална на федерално ниво, но бројни сојузни држави ја легализираа преку свои закони, почнувајќи од Колорадо во 2014. Денес таа смее да се користи на целиот западен брег, како и во Њујорк и главниот град Вашингтон.
Она што некогаш беше дрога поради која наголемо се апсеше сега ги полни државните буџети. Калифорнија оваа година очекува приход од 4,9 милијарди долари, а Мичиген 2,7 милијарди. Над милијарда долари ќе заработат уште неколку сојузни држави.