Излезе од печат “Конопот во Македонија” на Влатко Деков

Превземено од објавата на Facebook на Влатко Деков:

После 5 години работа конечно излезе од печат монографијата Конопот во Македонија. Од денес може да се најде во книжарницата Или Или, Книжарница Три и веб книжарницата kupikniga.mk . Наскоро и нa други места низ целата држава.

“Конопот ја играше улогата на магичен дух кој ги поврзуваше луѓето во некоја заедничка свест во која доминираа љубовта, имагинацијата, добрината и заедништвото, а кај значаен број на консументи и интелектуализмот.”

“Оваа билка се ширела како што се ширело човештвото и се смета дека значително придонела за развојот на човековата цивилизација.

Најстарите материјални докази за можно присуство на конопот на Балканот се откриени во Пиринска Македонија на територија на денешна Бугарија, како и во Романија. Всушност, откритијата во Пиринска Македонија пронајдени во езерото Долгото на Пирин Планина кои датираат од пред 10 200 до 8 500 години се најверојатно првите документирани случаи на присуство на коноп во Европа.

Употребата на коноп во Македонија била многу распространета до првата половина на ХХ век, претежно за облека и храна, но постојат податоци и за негова употреба во обредни цели и за уживање. Повозрасните луѓе паметат дека конопот бил многу полезна билка во минатото. Од почетокот на ХХ век одгледувањето на коноп во Македонија почнува да се намалува поради појавата на други земјоделски култури, индустријализацијата и поради заострувањето на државните политики. Но, од седумдесеттите години на ХХ век се забележуваат нови трендови, употреба на конопот претежно за уживање .

Културата на пушење коноп започнува да се развива речиси истовремено во Струмица, во Гевгелија и во Скопје. Клучните луѓе за популаризирање на употребата на конопот заради задоволство доаѓаат од струмичкото село Добрејци. Во тие времиња имало неколку луѓе езотерици кои патувале низ светот и ја носеле таа култура во Македонија. Секако најзначајна личност бил Ристо Божинов од Добрејци кој бил многу харизматичен човек со шамански карактеристики во смисла дека луѓето верувале во него и во неговата магична моќ.

Во Непал се среќава со еден од учениците на Дон Хуан и на Карлос Кастанеда. Тој му го предава на Ристо неговото знаење за пејотл, татулата и го запознава со шаманската култура. Му дава и две книги и, всушност, Ристо прв ги носи делата на Кастанеда во Македонија. И не само што ги носи туку и ги трансформира во една интерна утопија или дистопија која ја инсталира во Добрејци.

Oд почетокот на XXI век употребата на коноп добива нов контекст. Сè повеќе луѓе, во светот и во Македонија, почнуваат да употребуваат масло од коноп поради неговите лековити својства”