Новата влада на Германија најавува легализирање на марихуаната

Германија би можела да стане првата европска држава која ќе ја легализира марихуаната и ќе ја одобри нејзината рекреативна употреба. Ова произлегува од коалицискиот договор што го потпишаа Социјалдемократите, Зелените и Слободните демократи, кои ќе ја сочинуваат новата германска влада.

Бројни европски земји, па така и Германија, ја имаат легализирано марихуаната за медицински цели, а некои и ја декриминализираа.

„Ќе воведеме контролирана дистрибуција на канабисот за возрасните во лиценцирани продавници. На тој начин ќе се контролира квалитетот, ќе се спречи циркулацијата на контаминирани супстанци и ќе се заштитат малолетниците“, стои во договорот.

Експертите веруваат дека на овој начин ќе се намалат активностите на црниот пазар, каде што нема контрола на квалитетот. Исто така, би се растоварила полицијата и би се зголемиле даночните приходи за превенција и терапија на зависниците.

Германскиот пример би можел да влијае врз други европски земји, додека САД веќе се уверија во големите бизнис можности што ги нуди легализацијата. Во Европа, марихуаната најчесто се поврзува со Холандија, каде што таа легално се продава во кофи-шопови, но формално не е озаконета.

Легализацијата би можела на Германија да ѝ носи годишни приходи и заштеда на трошоци од вкупно 4,7 милијарди евра и да отвори 27.000 нови работни места. Се проценува дека европскиот пазар на марихуаната ќе порасне на 3,2 милијарди евра до 2025 година, од сегашните 403 милиони.