Едукативен настан: Екстрактите од канабис имаат голем потенцијал во третманот на различни заболувања

Најновите трендови и резултати од истражувањата за употребата на канабисот во медицински цели беше тема на вчерашниот едукативен настан, која се одржа под наслов „Клиничката перспектива за медицинската употреба на масло од канабис (CBD/THC), во третман на болка“. Во рамките на настанот домашни и странски експерти, покрај презентацијата на најновите истражувања кој во повеќе земји се во напредна фаза, зборуваа и за досегашните клинички искуства од третманот на пациенти во различни медицински области.

Во рамките на едукативниот настан свое излагање имаше и доктор Силвиу Брил, директор на Институтот за третман на болка во Тел Авив во Израел. Брил е копретседател на работната група за медицина базирана на канабис и претседател на работната група за онколошка болка на Европската федерација за болка.

Едукативниот настан го отвори претседателот на Македонската ревматолошка асоцијација, м-р д-р Мимоза Николовска Котевска.
Доцент д-р Филип Гучев од Универзитетската клиника за ревматологија во рамките на своето стручно излагање се фокусираше на клиничката употреба на екстракти од канабис во третманот на ревматолошките болести. За употребата на препарати со екстракти од канабис (CBD/THC) во третман на онколошки пациенти зборуваше д-р Милан Ристески, кој има долгогодишно искуство во клиничката онкологија, а бил дел од истражување во областа, а има објавено и низа трудови за унапредување на онколошката нега.

Во рамките на настанот експертите ги изложија најновите научни истражувања и резултати добиени во рамките на клиничката пракса , при третман на хронична болка од различно потекло и улогата на производите кои содржат екстракт од медицински канабис (CBD и THC). Канабиноидите, активните соединенија во канабисот, делуваат преку ендоканабиноидниот систем на телото, кој игра улога во регулирањето на перцепцијата на болката. Терапевтските својства на канабисот се признаени од многу регулаторни тела, вклучувајќи ја и Американската агенција за храна и лекови (FDA).