Узуновски: Со декриминализација и легализација на канабисот ќе им се случи вистински „бум“ на економијата и туризмот

Јануари 2021 | Водиме дебата за наводната штетност на канабисот во момент кога Светската здравствена организација (СЗО) го тргна од листа на опасни дроги. Ги следев излагањата и ставовите на противниците на декриминализацијата и легализацијата кои ги објавувте во вашиот медиум, но не сретнав ниту една теза поткрепена со факти или научно истражување. Сè се сведува на нивно лично мислење, перцепција и она што го наведов на почетокот – предрасуда, вели за „Слободен печат“ Огнен Узуновски претседател на ЗНАМ (Зелена национална агенда на Македонија), во врска со легализацијата на марихуаната во рекреативни цели.

– Јас сум еден од основачите на движењето „Операција ослободување“ чија примарна цел е да се декриминализара поседувањето и одлегдувањето на кабнабис за лична употреба, а потоа и да се донесе потполна легализација на одгледувањето, продажбата и консумирањето на канабис но исклучиво со прецизно утврдена законска рамка – вели Узуновски, истакнувајќи дека тој пред сè е поборник за медицинскиот канабис, односно за зголемувањето на бројот на здравствени состојби за кои може да се користат препарати од канабис согласно медицината базирана на докази.

Од друга страна, вели тој, со легализацијата на марихуаната во рекреативни цели ќе се случи вистински „бум“ како на економијата, така и на туризмот.

– Декриминализацијата и легализацијата на канабисот ќе направат вистински економски бум во државата. Консумирањето на канабис не е единствена примена на оваа билка. Десетина индустрии, илјадници работни места, профит и придонес во буџетот на државата. Нема држава во светот каде што по легализацијата немало економски бенефит. Ќе го наведам само примерот со Колорадо, САД. Тоа се јавно достапни официјални информации и статистики кои ги има на интернет и тука нема што да се дискутира. Истото важи и за туризмот за кој сум цврсто уверен дека ќе доживее комплетен „бум“ – додава Узуновски.

Узуновски ја презентираше и идејата за отворање на социјални клубови, односно места каде легално би се продавал и консумирал канабис, кои како што вели, во одредени земји функционираат со декади и не треба да се испоитоветуваат со „кофи шоповите“, а додаде и дека што побргу мора да се дискутира за формирање на законска рамка за декриминализација и легализација на канабисот.

– Мора што поскоро да се формира комисија во која ќе членуваат претставници на државните институции како Министерството за здравство, бирото за лекови, судството полицијата, економијата и секако невладиниот сектор. Тие ќе направат прецизна закноска рамка преку која ќе се спроведе и применува процесот на декриминализација и легализација. На Македонија и е потребна легализација – заврши претседателот на ЗНАМ.

Извор: SlobodenPecat.mk