Коалиција „Сите за правично судење“: Со легализација на канабисот ќе се сузбие криминалот и ќе се зајакне легалната економија

Јануари 2021 | Во правото општо е прифатено стојалиштето според кое нанесувањето штета сам на себе не се санкционира. Така, во Кривичниот законик нема да најдете инкриминации на обидот за самоубиство или нанесување на телесни или тешки телесни повреди сам на себе, вели за „Слободен печат“ адвокатот Натали Петровска и директор на Коалиција „Сите за правично судење“ во врска со евентуалната легализација на марихуаната во нашата земја.

Петровска додава дека и самиот член 215 од Законот кој се однесува за нелегално производство и пуштање во промет на дроги не го инкриминира нивното користење, односно дека поседувањето на нелегална дрога е казниво само доколку истото е направено со намера да се препродаде, но вели оти сепак во пракса не е така.

– Во пракса многу често се случува товарот на докажување на намерата за препродавање или користење да падне на самото обвинето лице, па дури да бидат и осудени лица кои биле затекнати како користат марихуана, иако користењето не е казниво согласно Кривичниот закон. Сметаме дека легализацијата на марихуаната првенствено ќе придонесе кон целосно избегнување на казнувањето на лица кои користат марихуана, особено доколку се земе предвид дека истата ја користат и лица со здравствени проблеми, поради што и на светско ниво се гледа тренд на легализација на медицинската и рекреативната употреба на марихуаната – смета Петровска.

И покрај тоа што според неа легализацијата ќе доведе до тоа да не се казнуваат лицата кои само ја консумираат, сепак Петровска верува оти е најдобро тоа да се случи на територија на цела држава, бидејќи само така би имале многу повеќе придобивки од целиот овој процес.

– Со легализацијата на истата, државата ќе има многу поголема контрола врз користењето на марихиуаната и нејзината распространетост во државата, а воедно ќе се сузбие и еден од главните извори на финансиски средства за организираните криминални групи. Оттука, Коалицијата сите за правично судење смета дека легализацијата на марихуаната на територија на целата држава би имала повеќе придобивки, кои ќе се однесуваат на правната сигурност, социјалната грижа за лицата кои користат дрога, сузбивање на организираниот криминал, како и зајакнување на легалната економија – потенцира Петровска.

Извор: SlobodenPecat.mk