Голубовска: Најавената легализација на канабис од властите нема никаква друга, освен партиска логика пред локалните избори

Јануари 2021 | Со одбегнувањето на декриминализација на канабисот за лична употреба во медицински и рекреативни цели веднаш, неотварањето на јавни дебати и учество во истите, неприфаќањето на предлог- измени на закони и/или донесување на Lex specialis, посебен Закон со кој се уредува пристапот и употребата на канабисот во индустриски, медициски и рекреативни цели, сметам дека предлогот на Владата е во насока на собирање поени пред локалните избори, вели за „Слободен печат“ граѓанската активистка Јасмина Голубовска и надворешен соработник на здружението „Билка“.

Голубовска укажува и на тоа дека со ваквата легализација нема да се ослободат лицата кои секојдневно се предмет на кривичен прогон за употреба на канабис, како и тоа дека со воведувањето на високите даноци и високите цени за лиценци на производителите, ќе се овозможи пристап до канабисот само за богатите, а не и за поголемиот дел од населението.

– Ако регулацијата на канабисот во комерцијални објекти е поважна од граѓаните кои секојдневно се предмет на тортура и кривичен прогон за користење на канабис, тогаш, сите граѓански здруженија кои што го поддржуваат Владиниот предлог треба сериозно да размислат за тоа дали ја исполнуваат својата или мисијата на политичките партии на власт и опозиција. Исто така, да се поддржуваат енорми даноци и високи цени на лиценци значи дека пристапот до канабисот за рекреативни и медицински цели ќе биде возможен за богатите, додека 80 отсто од населението нема да може да си дозволи да користи, а уште помалку да отпочне мал бизнис во оваа област – објаснува Голубовска.

Во врска со поттикнувањето на туризмот, од каде најпрво би започнала и оваа легализација, Голубовска вели оти тоа нема да донесе никаков профит, што според неа повторно се оди кон тоа дека оваа легализација е со партиска позадина.

– Доколку навистина Владата верува дека туризмот ќе се подобри, а со тоа и ќе има поголем профит и работни места, тогаш ќе зборувавме за децентрализиран пристап кон ова прашање и економските можности кои произлегуваат од индустриските примени на канабисот (градежна, прехранбена, модна и др. индустрии). Три кафе-барови можат да отворат многу малку работни места, можат да заработат многу за мала група луѓе. Предлогот на Владата нема никаква друга, освен партиска логика пред локални избори – заклучува Голубовска.

Извор: SlobodenPecat.mk