Одлука на Влада за формирање работна група за декриминализација и легализација на канабисот

На 18.05.2021 Владата ја разгледа и усвои информацијата за формирање „Работна група за подготовка на измени и дополнувања на законодавството за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот”, составена од институции, здруженија и граѓански организации, а врз основа на доставените барања и предлози од различните чинители до Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

За координатор на работната група е назначен Националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата, а во неа ќе членуваат и ќе добијат покана за учество следниве институции и чинители:

  • Претставник од кабинетот на премиерот;
  • Претставник од Министерство за здравство;
  • Претставник од Министерство за правда;
  • Претставник од Министерство за внатрешни работи;
  • Претставник од Здружение на токсиколози;
  • Претставник од Здружение на педијатри;
  • Претставник од Здружение на онколози;
  • Претставник од Здружение на млади фармацевти;
  • Претставник од Здружение на млади кривичари;
  • Претставник од Хелсиншки комитет за човекови права;
  • Претставник од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје;
  • Претставник од Коалиција маргини;
  • Претставник од здружение Операција Ослободување;
  • Претставник од Здружение за канабис и зелени политики Билка;
  • Претставник од НВО коалиција Канабис институт Пелагонија;
  • Претставник од Национален младински совет на Македонија;
  • Претставник од Мак канабис, здружение на производителите на медицински канабис;

Мандатот на работната група ги опфаќа следните прашања поврзани со регулација на производство и употреба на билката канабис:

  • Декриминализација и легализација на поседување и лична употреба;
  • Декриминализација на одгледувањето на растенија за лична употреба;
  • Разгледување можности за основање и работење на социјални клубови;
  • Зголемување на бројот на здравствени состојби за кои можат да се користи канабис;
  • Дозвола за лекари од приватното здравство да препишуваат препарати од канабис и можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да си одгледа и користи во форма во која најмногу му одговара за неговата состојба (орално, преку инхалација или преку супозитории);
  • Основање на Агенција за канабис;
  • Формирање Фонд од давачките/даноците кои компаниите кои произведуваат и тргуваат со канабис ќе ги плаќаат кон државата, со цел поддршка на проекти од општествен интерес во сферата на лекување на ретки болести, медиуми, медиумски работници и продукција на домашни медиумски содржини, граѓанското општество, културата и спортот, како и за поддршка на работата на Агенцијата за канабис.