Една година откако СЗО го прекласифицираше канабисот како безбеден лек

Пред една година, односно на 2-ри декември 2020-та комисијата на Организацијата на Обединетите Нации (ООН) за наркотични средства (анг. UN Commission on Narcotic Drugs-CND) донесе голем број на одлуки кои доведоа до промени во начинот на меѓународно регулирање на канабисот, вклучително и негово отстранување и прекласифицирање од најопасната категорија на наркотици.

При разгледувањето на низата препораки на Светската здравствена организација (СЗО) поврзани со канабисот и неговите деривати, CND ја донесе одлуката за отстранување на канабисот од категоријата IV од Единствената конвенција за наркотични дроги од 1961 година (анг. 1961 Single Convention on Narcotic Drugs) – каде канабисот беше класифициран заедно со смртоносните опиоиди кои предизвикуваат зависност, вклучувајќи го и хероинот.

53-те земји-членки на CND гласаа за отстранување на канабисот од категоријата IV – онаму каде што бил класифициран пред 59 години –односно од листата на супстанци кои бараат најстроги контроли, што дури го обесхрабри и неговото користење за медицински цели.

Со историски 27 гласа за, 25 против и еден воздржан, CND ја отвори вратата за признавање на медицинскиот и терапевтскиот потенцијал на најчесто користениот, но сепак во голема мера нелегален рекреативен лек.

Покрај тоа одлуката исто така може да поттикне дополнителни научни истражувања за добро познатите лековити својства на растението и да дејствува како катализатор за земјите да го легализираат канабисот за медицинска употреба и да ги преиспитаат законите за неговата рекреативна употреба.

Во јануари 2019 година, СЗО дала шест препораки околу рекласификацијата на канабисот во Единечната конвенција за наркотични дроги од 1961 година издадена од ООН.

Додека првично било предложено да се гласа за предлозите за време на сесијата на CND во март 2019 година, многу земји побарале повеќе време за да ги проучат одобренијата и да ги дефинираат своите позиции. Меѓу многуте точки дадени од СЗО, било појаснето дека канабидиол (CBD) – неопоидно соединение – не е предмет на меѓународна контрола. CBD презеде истакната улога во велнес-терапиите во последниве години и произведе индустрија вредна милијарда долари. Во моментов, повеќе од 50 земји имаат усвоено програми за медицински канабис, додека Канада, Уругвај и 15 сојузни држави во САД ја легализираа неговата рекреативна употреба, додека Мексико и Луксембург се близу до тоа да станат третата и четвртата земја која го легализира канабисот за рекреативна употреба.

По гласањето, некои земји дадоа изјави за нивните ставови. Еквадор ги поддржа сите препораки на СЗО и повика производството, продажбата и употребата на канабис да имаат „регулаторна рамка што гарантира добри практики, квалитет, иновации и истражување и развој“. Во меѓувреме, САД гласаа за отстранување на канабисот од категоријата IV од Единствената конвенција, задржувајќи го во категоријата I, сметајќи дека тоа е „во согласност со научните докази кои демонстрираат дека иако лековите добиени од канабис се безбедни и ефикасни, самиот канабис продолжува да претставува значителен ризик за јавното здравје и треба да се продолжи со неговата контрола според меѓународните конвенции за контрола на наркотици“. Гласајќи против, Чиле, меѓу другото, тврди дека „постои директна врска помеѓу употребата на канабис и зголемениот ризик од депресија, когнитивен дефицит, анксиозност и психотични симптоми“, додека Јапонија изјави дека немедицинската употреба на растението „може да предизвика негативни здравствени и социјални влијанија, особено кај младите“.